На 30.1.2026 година во рамки на активноста Општествено – хуманитарната работа на учениците, во нашето училиште успешно беше реализирана работилница од областа: Кампања за подигање свесност за врсничко насилство, на тема: ,,Видови врсничко насилство“, со учениците од VII одделение.
Работилницата претставуваше значаен чекор кон јакнење на свеста за важноста од меѓусебно почитување, емпатија и одговорно однесување меѓу учениците. Учениците покажаа исклучителна активност, заинтересираност и зрелост, активно вклучувајќи се во дискусиите, групните активности и споделувањето лични ставови и размислувања.
На почетокот од работилницата беше реализирана анкета, со цел да се добие повратна информација за разбирањето на темата, ставовите на учениците и нивната перцепција за врсничкото насилство. Анкетата покажа дека учениците ја препознаваат важноста од превенција, навремена реакција и меѓусебна поддршка. Во текот на работилницата учениците беа активно вклучени во повеќе практични и интерактивни активности. Како дел од креативниот израз, учениците изработуваа плакати со афирмативни и едукативни пораки против врсничкото насилство, преку кои ги истакнаа вредностите на почитување, толеранција и поддршка. Плакатите содржеа кратки пораки, слогани и цртежи со силна симболика, изработени индивидуално и во парови.
Во продолжение, учениците пополнуваа чек-листа, преку која имаа можност да ги проценат сопствените ставови и однесувања во однос на врсничките односи, како и да препознаат позитивни и негативни форми на однесување во секојдневната училишна средина. Посебно за пофалба е нивната отвореност, соработка и подготвеност да дадат свој придонес во градењето позитивна и безбедна училишна средина, во која секој ученик се чувствува прифатен и почитуван. Со своето учество, учениците испратија силна порака дека насилството нема место во училиштето и дека хуманите вредности се темел на здравиот развој и заедништвото.
Ваквите активности уште еднаш потврдуваат дека учениците се подготвени да преземат активна улога во општеството и да бидат носители на позитивни промени.
Благодарност до наставникот- ментор Гордана Терзиева, специјалниот едукатор и рехабилитатор: Сања Точева и до училишниот психолог Стефани Шапкарова, кои беа носителите и дадоа значителен придонес за реализација на оваа активност.




