Денес, на 24 Мај се одбележува Денот на сесловенските просветители и учители, светите браќа Кирил и Методиј. Светите Кирил и Методиј се едни од најважните личности во словенската, а со тоа и во македонската, но и во европската историја.

Нивната мисија е од огромна важност за сиот словенски свет, а неоспорни се и универзалните вредности на нивниот предизвик.Најзначајната мисија за браќата е Моравската мисија, за која специјално ја создале глаголицата, посебна азбука според јазикот што го зборувале Словените, составена од 38 букви.

Превеле дел од Библијата на словенски јазик и неколку богослужбени книги на словенски и заминале во Велика Моравија.За животот и дејноста на словенските просветители, најмногу податоци добиваме од делата: „Панонски легенди“, „Климентовото житие од Теофилакт“, „Климентовото житие од Хоматијан“ и „О`писменех“ од Црноризец Храбар.

Светите браќа Кирил и Методиј се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи. Папата Јован Павле Втори во 1980 година ги прогласи за созаштитници на Европа поради нивната мисионерска дејност преку која ги обединија Истокот и Западот на Европа.

Вечна им слава!