Денес, положивме свежо цвеќе пред бистата на Кочо Рацин во Нов Дојран, по повод Патрониот празник на нашето основно училиште, кое го носи неговото име.
Денес, го славиме ликот и делото на нашиот патрон – Коста Солев Рацин. Личноста и делото на Кочо Рацин ја испишуваат вековитата песна на својот народ. Тие се нејзин глас и нејзина високо издигната и осознаена свест, традиција и препознавање, самобитност и непокор.
Човекот којшто пишуваше за копачите, тутуноберачите, печалбарите и аргатските маки големи на својот народ изгради мостови меѓу минатото, сегашноста и иднината. Тој е гласот на трајните и неуништливи човечки вредности, стремежи и идеали, а ние со сигурност можеме да кажеме дека Рацин претставува родоначалник на современата македонска литература.
Во негова чест, нашите ученици – вистински Рацинови следбеници, подготвија бројни активности коишто заедно ги проследивме за време на вчерашната приредба:
- Изведба на државната химна и химната на училиштето од страна на хористите и оркестарот под диригентската палка на менторот Крсте Гогов;
- Интерпретација на песната „Денови“ од ученичката Босилка Стојанова;
- Рецитали: „Обраќање на Рацин“ и „Рациновото срце“;
- Изведба на песните „Ленка“ и „Ој девојче, девојче“ од страна на училишниот хор;
- Ритмичко танцување од страна на прво, второ, трето, четврто и петто одделение;
- Учениците од осмо одделение ги одиграа ората Пајдушко и Малешевско;
- На сцената настапи и групата „Танчерка“ со композицијата „Полка“.
Да го чуваме споменот за епохалното значење на грнчарот, поетот, револуционерот и пред сѐ човекот, патронот на нашето училиште.
Честит нека биде Денот на училиштето, честит и вековит да биде споменот на нашиот Коста Солев Рацин!