На 28-ми април (петок), се одржа првата од серијата работилници за справување со стрес и анксиозност кај учениците од ООУ „Кочо Рацин“ – Нов Дојран. Работилниците и едукативните предавања се во склоп на годишниот план за родова еднаквост помеѓу жените и мажите во Општина Дојран.Беа посетени подрачните училишта во Стар Дојран и во Николиќ, а работилница се одржа и во спортската сала во Нов Дојран, со учениците од шесто до деветто одделение.
Фокус на работилниците се и ќе бидат во иднина – практични вежби, интеракција на присутните со размена на сопствени искуства и мислења, освестување на сопствените потреби, желби, но и ограничувањата од друга страна.На овие работилници, покрај подобро запознавање на концептите за самодоверба и самопочит, емоционалната интелигенција и други поврзани поими, се правеше и самопроценка каде се учениците на скалата на самодовербата, вежба како да го замолкнат внатрешниот критичар и како тој глас на сомнеж, изразен преку негативни мисли да го заменат со позитивен внатрешен говор.
Колку е важно да се излезе од комфорната зона и колку таквите искуства помагаат во совладување на проблемите, се само некои од прашањата. Во оваа насока во иднина се замислени и ќе се спроведат и работилници за подобрување на социјалните вештини, надминување на проблеми во комуникација и конфликтите, потоа замки на социјалните мрежи и безбедноста на интернет, контрола и управување со лутина и бес, справување со стресот и слично.Не беа изоставени ниту прашањата за постоење и евентуално справување со врсничкото насилство помеѓу учениците, тема која и понатаму ќе се отвора на почетокот од секое наредно предавање во училиштето.
Врсничка едукација (peer learning) е форма на учење која во пракса се покажала како многу ефективна, зошто учениците полесно се поврзуваат на исто возрасно ниво, поактивни се во самиот процес, што е воедно и забавно и позитивно искуство за сите инволвирани.Работилницата одржана изминатиот петок, а и наредните работилници се под водство на стручно лице – психолог, од Центарот за социјални работи – Гевгелија.